Во текот на мај и јуни 2021 година се реализираа 17 онлајн работилници за поттикнување на демократска клима во основните училишта, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. На работилниците учествуваа над 200 претставници на 96 проектни училишта, како членови на училишните тимови составени од наставници по Граѓанско образование, стручни соработници и директори. Во учебната 2021/2022 година овие училишни тимови, заедно со учениците, ќе работат на реализирање ученички иницијативи и за прв пат ќе организираат отворен ден за граѓанско образование.

Учесниците на работилниците дискутираа за образовните политики и стратешките документи кои се основа за развивање на демократска клима во училиштата, како што се Концептот за граѓанско образование, граѓанските компетенции и наставните програми по Граѓанско образование за осмо и деветто одделение. Посебно внимание беше посветено и на важноста на училишното раководство и стручната служба во поттикнувањето на демократската клима и соработката со локалната заедница, како и на спроведувањето на ученичките иницијативи и неопходните фази за нивна успешна имплементација и развој на граѓанските компетенции на учениците. Споделени беа и примери за употреба на различни методи на работа (со физичко присуство, од далечина и хибриден пристап) како инспирација за спроведување на ученички иницијативи во текот на следната учебна година.
Во текот на работилниците, членовите на училишните тимови се здобија со вештини за успешно спроведување ученички иницијативи и градење на училишни политики кои го поддржуваат развојот на демократската клима во училиштата. Учесниците на работилниците добија и корисни материјали за организација на ученички иницијативи и отворени денови за граѓанско образование. Според најголем дел од нив, обуките беа корисни и им овозможиле да нови знаења и споделување на досегашните искуства и идеи со своите колеги од други училишта.
По обуките на кои учесниците поставија современи цели за подобрување на демократската клима во училиштата во кои работат, тимовите во учебната година 2020/2021 ќе работат на спроведување ученички иницијативи и организирање на отворени денови за граѓанско образование.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.