Разновидни активности за позитивна промена во основните училишта

434
Основните училишта продолжуваат да спроведуваат ученички иницијативи за надминување на проблемите и одговарање на потребите на жителите во нивната средина. Над 100 основни училишта, во текот на минатото полугодие реализираа различни активности за позитивна променам поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Учениците од ОУ „Манчу Матак“ од Кривогаштани спроведоа акција „Книга на реверс“ со цел да поттикнат размена и донација на книги во училишната библиотека, отворена за сите жители од заедницата. Исто така, тие имаа средба за застапување со Градоначалникот на општината каде дискутираа за решавање на проблемот со улични кучиња.

Учениците од ОУ „Григор Прличев“ од Гази Баба за кус период успејаа да ја активираат целата локална заедница да им се придружи во реализација на нивните идеи. Најпрво, заедно со Министерството за внатрешни работи – Гази Баба спроведоа акција за безбедност во сообраќајот, директно обраќајќи им се на возачите преку летоци и пораки за внимателно возење. Потоа, поддржани од локален бизнис засадија садници во дворот на училиштето, а во соработка со извиднички сојуз го исчистија местото околу скопскиот Аквадукт. Беа спроведени и други акции, за справување со врсничкото насилство, разбирање и прифаќање на децата со попреченост и слично. Во активностите беше вклучено целото училиште, со што преку пример се покажа колку може да се постигне кога сите заеднички работат со иста цел.

Поддршката која ја добивме од наставниците и стручната служба беше голема и без нив немаше да успееме во нашите намери“, велат учениците.

Во основното училиште „Климент Охридски“ од Облешево учениците избраа да работат на подигнување на еколошката свест во општината. Организираа и спроведоа еколошки марш и споделија пораки за заштина на животната средина со локалното население, Своите активности ги претставија преку видео, развивајќи ја нивната креативност.

Во основното училиште „Борис Трајковски“ од Моноспитово, пак, се организираше заедничко дружење со учениците со посебни образовни потреби од ПОУ „Св. Климент Охридски“ – Ново Село, „Завод за рехабилитација и здравствена заштита“ – Бања Банско, и ЦПЛИП „Порака“. Сите ученици заедно изработуваа маици со свои отпечатоци.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.