Започна циклусот на онлајн заеднички часови со гости од САД и други интересни гости со возбудливи и забавни професии во рамки на Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје. На овие часови, учениците од локациите СЕТУГС „Михајло Пупин“ – Скопје, СОУ „Сами Фрашери“ и „Перо Наков“ – Куманово, СЕОУ „Гостивар“ – Гостивар, СЕОУ „8 Септември“ – Тетово, ОСУ „ Дрита“ и „Мирко Милески“ – Кичево, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, СОУ „Наум Наумовски Борче“ – Пробиштип, СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе, каде што се спроведува програмата, ќе имаат шанса да се запознаат уште повеќе со културата и животот во САД како и да го унапредат своето познавање на англискиот јазик на различни теми.

На првата средба, околу сто ученици се собраа заедно онлајн за да се информираат и дискутираат за изборите во САД со Лук Захнер, претставник од Амбасадата на САД за односи со јавноста. Тој зборуваше за неговиот живот и неговата работа, а го објасни и процесот за избор на претседател на Соединетите Американски Држави.
Присутните научија повеќе за тоа што се електорални гласови и како според нив се одлучува кој од кандидатите станува претседател. Лук објаснуваше и за значењето на гласовите кои пристигнуваат по пошта кои поради кризната состојба со КОВИД-19 се во поголем број оваа година.
Учениците ги поставуваа нивните прашања за изборите кои гостинот детално ги одговараше. Помеѓу темите за кои се дискутираше беа: улогата на медиумите во изборите, сигурноста на гласањето преку пошта, што се случува ако резултатот е изедначен како и влијанието што го имаат изборите во САД на нашата држава. На крајот, учесниците споделија свои мислења за изборниот систем во САД.

„Среќен сум што сум тука. Навистина ви се восхитувам на вашата желба да инвестирате во себеси и во своето знаење. Со Access програмата си давате голема предност во однос на учењето, особено на англискиот јазик кој ќе продолжи да биде многу важен и во иднина. Вие сте иднината и надежта на оваа држава. Има многу работи кои треба да се направат и се надевам дека ќе ги искористите своите таленти тука“, заклучи Лук.
И во следните недели, учениците активно ќе учествуваат на овие разговори во четврток со нови гости со кои ќе се дискутира на различни информативни и едукативни теми.
Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.