Околу 200 ученици од сите 11 локации каде се спроведува Програмата Access – Микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Скопје, се дружеа и учеа нови работи за време на онлајн циклусот „Разговори во четврток“. Ова се онлајн часови со многу интересни гости со забавни и необични професии кои го споделија своето искуство со учениците во текот на првото полугодие.

Една од гостите беше Патриша Дејвидсон од Бостон, САД, наставничка по англиски јазик со меѓународно искуство, која беше волонтер на Американската амбасада во Скопје. На учениците им ги претстави традициите и обичаите поврзани со празнувањето на Денот на благодарноста во САД. Преку квиз и интересна дискусија, учениците го споделија своето знаење на оваа тема и дискутираа за сите работи за кои се благодарни во нивните животи. Тие го презентираа и нивното видео за Денот на благодарноста кое го направиле како изненадување за Патриша и за часот.

На наредна средба, учениците се запознаа со Кристина Бицева која работи на зачувување на културното наследство во државата и е алумни на Амбасадата на САД во Скопје. Тие разменуваа мислења за видовите на културно наследство, традиционалните предмети и облеки со што го зајакнаа своето јавно и аргументирано говорење на англиски јазик.

„Излезете од вашата комфорна зона и борете се за тоа што сакате да го правите“, им порача Сашко Потер Мицевски на учениците, кој работи на монтажа на филмови и ТВ серии и креирање на звучни ефекти. Тој работел и на филмовите Хари Потер со што поттикна голем интерес кај учениците за актерската екипа и соработката на Сашко со сите нив. Тој зборуваше за неговата љубов кон филмовите и одговараше на многуте прашања од учениците поврзани со неговата професија и проектите на кои работел, меѓу кои има многу популарни Холивудски продукции.

За поттикнување на претприемачкиот дух кај младите, гостинка беше и Соња Магдевска, претприемач и алумни на Програмата Фулбрајт на Амбасадата на САД која води сопствен бизнис за производство на вино и живее во Калифорнија, но нејзините родители се од Северна Македонија. Преку нејзиниот инспиративен говор, учениците ги осознаа нејзините чекори во водењето на бизнис во САД почнувајќи од ништо, а имајќи голема мотивација и желба за успех. Соња сподели многу корисни лекции за животот и претприемништвото. Откако им го претстави нејзиното вино со име „Феминистичка забава’ (Feminist Party), учениците ја прашуваа за популарните вина, нејзината соработка со славни личности од САД, бараа да им даде совет од нејзино искуство како да започнат свој бизнис, ја прашуваа кои се нејзините идни планови и слично на што добија детални одговори.
„Она што треба да си го кажете е: нема план Б; ова е мојот план А и треба да направам сè што можам за тој да успее и да продолжам да работам на него секој следен ден. Како сопственици на бизнис одговорни сте не само за самите себе, туку и за луѓето кои работат за бизнисот“, им порача таа.

Конечно, „Разговорите во четврток“ им дадоа шанса на учениците виртуелно да го посетат Музејот на современа уметност во Скопје и да ја проследат изложбата „Скопје одново“, која претставува заедничка соработка на Музејот на современа уметност од Скопје, Амбасадата на САД и Музејот на современа уметност во Њујорк. Виртуелната прошетка како и исцрпните информации ги предводеа кустосите Бојана Јанева и Кумјана Новакова. Се дискутираше за прекрасните дела од модерната уметност и нивната приказна и значење, како и за солидарноста на уметниците од Америка кои ги донирале своите дела за Град Скопје после земјотресот во 1963 година со цел да се одржи една лулка на уметност на Балканот и со тоа музејот да стане еден од музеите со најмногу дела од странски уметници. Гостинките ги поканија учениците во иднина кога условите ќе го дозволат тоа да го посетат музејот и физички и да се запознаат со уште многуте дела кои се изложени во него, меѓу кои и слика на уметникот Пикасо.
„Многу ни се допаѓаат часовите. Учиме нови работи, се дружиме со пријателите и запознаваме нови“, велат учениците.
Овие часови продолжуваат да се одржуваат и во второто полугодие со нови гости со кои учениците активно ќе дискутираат на различни теми и ќе го унапредуваат своето познавање на англискиот јазик.
Оваа активност е дел од Access Програмата за микростипендирање за зголемување на пристапот до англискиот јазик, поддржана од Амбасадата на САД во Северна Македонија.