Во средината на септември, 2019 година, се одржа работна средба на директори, стручни соработници и наставници од основните училишта вклучени во Проектот Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем, поддржан од Детската Фондација Песталоци. За време на средбата се дискутираше за клучните постигнувањата на Проектот, но и за предизвиците со коишто училиштата се соочуваат при вклучување на децата кои се надвор од училиштата.
Претставниците од училиштата, исто така ги споделија и своите позитивни искуства и стратегии што ги користат со цел вклучување и задржување на овие деца во наставата. Присутните особено ги потенцираа посебните напори што се прават на почетокот на училишната година за максимален реонски опфат на учениците кои не се наоѓаат на списоците за упис или децата кои доцнат со уписот.
Со поддршка од Проектот се постигнати повеќе резултати на институционално ниво, со што ќе се овозможи долгорочно надминување на проблемот со децата коишто се надвор од училиштата.
Како резултат на проектните интервенции на институционално ниво, во новиот Закон за основно образование внесени се одредби за ослободување од трошоците во процедурата за признавање и еквиваленција на свидетелства и дипломи стекнати во странство за ученици од семејства приматели на гарантирана минимална помош. Овие баратели се ослободени од сите административни трошоци во Министерството за образование и наука, со исклучок на нотарските трошоци и трошоците за судски превод. Така, за корисниците на минималната помош што се баратели кои се родени во Република Северна Македонија, намалувањето на трошоците изнесува 82%, додека пак за барателите кои не се родени во Република Северна Македонија, намалувањето изнесува 86%. За сите останати баратели кои не се корисници на гарантираната минимална помош предвидено е намалување за 24% од трошоците.
Исто така, со поддршка на проектот, за децата што не се вклучени во образовниот систем, а се со надмината возрасна граница, поставени се законски основи за изготвување на прилагодени наставни програми кои ќе се донесат во 2020 година. Исто така, со цел да се обезбеди што поцелосен опфат преку идентификација на децата на училишна возраст, се изготвува предлог-протокол за размена на податоци помеѓу сите релевантни институции на централно и локално ниво.
Покрај постигнувањата на институционално ниво, во изминатиот период Проектот успешно соработуваше и директно со училиштата. Во Проектот се вклучени 18 училишта од 12 општини. Преку Проектот финансиски се поддржани повеќе од 130 деца редовно да посетуваат настава во училиштата, иако претходно не беа опфатени во образовниот процес.
Со поддршка од Проектот се реализираа и воннаставни активности за инклузија, во кои заедно учествуваа стипендистите и нивните соученици и преку разновидни активности се дружеа и заедно учеа. Наставниците кои директно работат со овие ученици, како и дел од стручните соработници веќе учествуваа на обука за градење вештини за инклузијата на овие деца, а во претстојниот период ќе присуствуваат и на втор циклус обуки за развивање и примена на модели и пристапи за градење на инклузивна атмосфера во училницата.
Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.