Ученици од средното економско и правно училиште „Арсени Јовков“ на Град Скопје го освоија првото место на натпреварот „Мисија Воздух“ во рамки на програмата „Млади репортери за заштита на животната срединa“ со нивната фотосторија „Смртоносни прошетки во Скопје / Shёtitjet vdekjeprurёse nё Shkup / Deadly walks in Skopje“.
Свесни за последиците од загадувањето на воздухот во Македонија кое е едно од најголемите во Европа и мотивирани да придонесат за позитивна промена, учениците креираа новинарски продукт и ги користеа социјалните медиуми за да се зголеми јавната свест за животната средина. Учениците ги потенцираа проблемите кои произлегуваат од аерозагадувањето, но и апелираа граѓаните да придонесат за намалување на загадувањето. Како потенцијални решенија на проблемот во коишто може да се вклучат сите граѓани, младите порачаа: да го рециклираме отпадот, да користиме велосипеди наместо автомобили, да засадиме дрвја наместо да ги сечеме.
Фотосторија „Смртоносни прошетки во Скопје / Shёtitjet vdekjeprurёse nё Shkup / Deadly walks in Skopje“
Фотосторијата е продукт на десетина ученици од различни етнички заедници кои членуваат во заедничката училишна секција “Social Hub”, кои инаку учат на различни наставни јазици. Секцијата постои во училиштето од почетокот на училишната година и е поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, со цел да им овозможи на младите од различни етнички заедници подобро да се запознаат меѓусебно, да соработуваат и заеднички да создаваат продукти.
„Оваа награда е признание за вложениот труд на учениците и менторите за истражување, едукација, креативност и подобрување на меѓуетничката интеграција на младите во образовниот процес“, вели Жана Живадиновиќ, наставник по англиски јазик и ментор на младите.
Победничката фотосторија на учениците од СЕПУГС „Арсени Јовков“ ќе биде испратена и на интернационалниот конкурс од програмата „Млади репортери за животната средина“. Инаку „Млади репортери за животната средина“ е интернационална програма која се спроведува како составен дел од Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ и е наменета за средните училишта.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.