Повеќе од 70 претставници од образовни институции, општини, граѓански и меѓународни организации присуствуваа на јавна Промоција на Извештај од истражување за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, што се одржа на 11 јануари 2018 година, во Хотел Континентал, Скопје.
Поттикнати од сознанието дека и покрај напорите на институциите да обезбедат еднаков пристап до образование за сите деца, проблемот со незапишување и предвремено напуштање на основното образование сè уште не е надминат, Македонски центар за граѓанско образование и Министерството за образование и наука со поддршка од Детската Фондација Песталоци спроведоа сеопфатно истражување во однос на прашањето за децата што се надвор од училиштата во Република Македонија.
Целта на истражувањето беше да се утврди бројот и идентитетот на деца на училишна возраст што не посетуваат основно училиште и да се откријат главните причини за тоа, но и да се предложат конкретни мерки и решенија за намалување на бројот на незапишани деца и ученици што го напуштиле основното училиште.
Во истражувањето беа опфатени 49 основни училишта од 12 општини, пред сè преку теренско прибирање на податоци, интервјуа и фокус групи, но и преку анализа на релевантните нормативни акти – законски и подзаконски акти од областа на образованието кои содржат одредби за запишувањето и задржувањето на децата во основно образование.
Целото истражување е достапно тука.
Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.