Во текот на месец април 2021 год. се реализира онлајн дисеминација на обуки за програмата „Децата и семејствата во образованието (ДИСО)“, наменета за наставници од 15 проектни училишта. Со обуките се опфатени повеќе од 140 наставници, кои потоа ќе ја реализираат програмата во своите паралелки.

ДИСО има за цел да го поддржи развојот на животните вештини и компетенциите на децата на возраст од 6 до 12 години. Оваа програма е особено значајна за децата од ранливите категории, бидејќи преку истата се зајакнува самодовербата на учениците и им се помага да ја препознаат вредноста на училиштето и образованието во животот. Пристапот на ДИСО вклучува активно учество на учениците преку игри и задачи што се интегрираат во наставните содржини, а исто така активно ги вклучува и родителите.
„Се стекнавме со знаења како да го подобриме квалитетот во наставата, како децата да ги подобрат нивните лични квалитети и чувства за себеси, како заедно со нив да ги решаваме проблемите во семејствата и околината. Оваа обука е важна и релевантна за децата, посебно во денешната ситуација на пандемија, кога менталното здравје и добросостојбата на учениците во услови на постојан стрес стануваат дури и поважни од постигнувањето на наставните цели”, велат наставниците.

Некои од наставниците, после обуката веќе го применија пристапот на ДИСО во реализација на наставата. Така во едно од проектните училишта, ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“, Шуто Оризари, Скопје, беше реализирана активност во рамки на предметот природни науки на тема растенија. Преку ова, се препознаваат и истакнуваат вештините на учениците и се вклучуваат родителите. Се планира активностите да продолжат во рамки на проектот „Училишна градина“.
Програмата ДИСО се реализира во рамки на проектот PEACOCK – Мир преку соработка, компетенции и знаења, поддржан од Универзитетот за образование на наставници од Цирих, Швајцарија, а во имплементација на МЦГО во партнерство со Бирото за развој на образованието.