Учениците од различни етнички заедници продолжуваат да се дружат и да учествуваат во заеднички активности во рамки на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Овие активности се спроведуваат во рамки на училишните секции во кои членуваат ученици коишто инаку учат на различни наставни јазици.
Преку многубројните активности, учениците учат нови работи, соработувајќи заедно на теми што се од нивен интерес. Од почетокот на учебната година, тие спроведуваат интересни иницијативи.
Во рамки на географската секција во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола, младите дискутираа за еколошките проблеми со кои се соочува нивниот град. Тие ги презентираа воочените проблеми и предложија можни решенија пред претставник на ЈП „Комуналец“. Дел од нивните предлози беа пошумување на ридот Баир, создавање на парк на Баирот, засадување на зеленило во училишниот двор, чистење на реката, поставување на контејнери и корпи за отпадоци по улиците. Младите предложија и воведување на мерки за почист воздух, како и користење на алтернативни извори на енергија во училиштата, институциите и домовите. Со заедничките младински еко-иницијативи се подигнува свеста за потребата од заштита на животната средина и наоѓање соодветни решенија за најголемите проблеми во околината.
Основците од училиштето „Живко Брајковски“ од Бутел реализираа интересни активности во рамки на секцијата за здрава храна и здрави генерации. Тие спроведоа истражување за здрава исхрана и по завршеното истражување ги презентираа нивните сознанија. Изработија и флаери со пораки како и украси, венци и подароци од сирови тестенини.
„Децата се на таква возраст на која што им е потребно правилна едукација со учество во секции од ваков карактер“, вели Силвана Урџанис, наставничка во ОУ „Живко Брајковски“.
Активностите кои се реализираат во рамки на секциите ги поттикнуваат младите да преземат интересни иницијативи во нивните училишта и заедници.
„Се забележуваат позитивни промени кај учениците. На пример, ваквите активности потикнаа кај учениците самоиницијативно да учествуваат во уредување на еколошкото катче во училиштето“, смета нејзината колешка Назмие Бела.
Во текот на учебната година, ученици од 27 основни училишта вклучени во проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ ќе спроведуваат уште многу активности за здравиот начин на исхрана, подигнување на еколошката свест, за спорт, истражување, наука, математика и други интересни активности. Ваквите ученички иницијативи ги зближуваат младите од различни етнички заедници и им давaат можност да се забавуваат заедно и да учат во духот на меѓуетничката интеграција.
Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).