Македонски центар за граѓанско образование (МЦГО) продолжува со активности за унапредување на наставата по граѓанско образование во основните и средните училишта во Македонија.
Во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), на 21 декември 2017 година се одржа втората работна средба на Стручниот тим за унапредување на наставата по граѓанско образование.
Целта на Стручниот тим е да развие концепт и да даде насоки и поддршка на работните групи во изработката на наставните програми по граѓанско образование.
За време на средбата се идентификуваа клучните области на кои ќе работат членовите на Стручниот тим:
– Преглед на меѓународни документи и препораки за граѓанското образование, системската поставеност и тековните процеси за реформа на наставните планови и програми во Република Македонија;
– Идентификација на клучните граѓански компетенции кои треба да ги поседуваат учениците по завршувањето на определен степен на образование;
– Анализа на наставните планови и програми од аспект на граѓанско образование;
– Осврт на состојбата и заложбите за ученичко организирање и учество.
На средбата се презентираа и клучните наоди од Извештајот од испитувањето за реализација на наставата по граѓанско образование во основните училишта, подготвен од МЦГО во соработка со БРО, во рамки на Проектот јакнење на мултиетничката соработка во општините, подржан од Детската фондација Песталоци.
Процесот е поддржан од УСАИД (Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието) и Детската Фондација Песталоци, Швајцарија (Проект за јакнење на мултиетничката соработка во општините).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.