48 наставници од шест средни училишта на Град Скопје добија признанија и награди од Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Минатата учебна година, тие редовно реализираа заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици и активно учествуваа во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието.

Во скопските средни училишта „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“ и „Јосип Броз – Тито“ во текот на минатата учебна година, беа реализирани вкупно 1.398 заеднички часови, од кои 1.143 беа реализирани со физичко присуство, а 255 беа одржани на далечина поради пандемијата со КОВИД-19. Со заедничките часови беа опфатени 46 паралелки на македонски, албански и на турски наставен јазик.
Оваа учебна година, се приклучува и седмо средно училиште. Заеднички часови на далечина ќе се реализираат и во СУГС „Владо Тасевски“, во кое учениците кои наставата ја следат на различен наставен јазик учат во два различни објекти и немаат никаква меѓусебна комуникација. Наставата на далечина им даде повеќе можности за меѓусебна интеракција и запознавање.
Преку овие часови, кои се поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, учениците ќе продолжат да ги градат своите граѓански и демократски вредности и да соработуваат меѓу себе, премостувајќи ги различностите.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.