На почетокот на јули, 2018 година, во Струмица се одржа регионална презентација на проектот „Образование за вработување во Македонија“, со цел да се претстават претстојните проектни активности. На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, бизнис секторот и училиштата.
За време на поздравното обраќање, градоначалникот на Општина Струмица, Коста Јаневски истакна дека локалната самоуправа ќе ги поддржи активностите кои ќе бидат имплементирани на локално ниво.
„Многу сум задоволен што Општина Струмица има континуитет во работењето на проекти. Верувам дека тоа е така поради атмосферата и условите на локално ниво. Она што ми дава посебна надеж и задоволство е тоа што станува збор за долгорочен проект од кој ќе можат да произлезат добри резултати, а Општина Струмица е тука да ги поддржи сите активности и да даде свој придонес во активностите“, додаде Јаневски.
Тим лидерот на Проектот, Курт Вутрих, истакна дека намерата на овој проект не е да се преслика швајцарскиот модел во Македонија, туку преку прилагодување на одредени елементи од швајцарскиот систем, соодветни за тоа, да се развие посебен систем за развој на стручни вештини кој ќе биде карактеристичен за Македонија.
„Во нашата работа ќе се фокусираме на два кластера кои инкорпорираат различни економски сектори. Едниот е кластер на технологија и производство кој ги вбројува струките и вештините од областа на земјоделието, прехранбената технологија и машинството, додека пак другиот е кластер на услуги кој ги вбројува туризмот, но со посебен акцент на угостителството, личните услуги и здравство и социјални услуги“, истакна Вутрих.
Имајќи ја предвид важноста на квалитетот на средното стручно образование и позитивните ефекти кои ги има врз развојот на економијата, Стопанската комора на Македонија со останатите државни институции од една, и приватниот сектор од друга страна, зема активно учество при имплементацијата на националните образовни стратегии кои на среден и на долг рок ќе бидат почувствувани на пазарот.
Зборувајќи за клучното значење на партнерството помеѓу стручните училишта и приватниот сектор за да се осигура дека младите ги стекнуваат вештините што им се потребни на работодавците и кои ќе им помогнат полесно да добијат вработување, Бранко Алексовски, советник во Центарот за стручно образование и обука потенцираше дека вклучувањето на приватниот сектор е во суштината на овој проект.
„Вештините кај учениците ќе се подобрат доколку се овозможи изведување на практична обука во реални услови во компаниите. Клучна е соработката на образовните институции со компаниите“, додаде Алексовски.
Во следните 10 години проектот ќе биде имплементиран од страна на Хелветас Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, и ќе има за цел да овозможи повеќе граѓани, особено младите, да се стекнат со квалитетно стручно образование и обуки, како и да помогне во развојот на стручни вештини кои ќе придонесуваат кон зголемено вработување во земјава. Во првите четири години од спроведувањето на проектот се очекува 2,250 лица, од кои поголемиот дел млади, да се вработат благодарение на подобрените стручни вештини.
Активноста е дел од проектот Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk), поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.