Преку заеднички часови до подобра меѓуетничка интеграција на младите во Град Скопје

2763
На 10 декември, 2019 година во Скопје се одржа промотивен настан за заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици во Град Скопје, организиран од Град Скопје и Министерството за образование и наука, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

За време на настанот, учениците и наставниците ги споделија личните искуства од позитивното влијание на заедничките часови кај младите, а се презентираа и резултати од направените истражувања за оваа иницијатива на Град Скопје. Околу 90% од учениците од различни етнички заедници се дружеле, комуницирале и стекнале нови пријателства за време на часовите, а 80% би сакале да имаат заеднички ученички часови и во наредната учебна година.

Меѓу присутните на настанот беа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и претставници од образовните институции, ученици и наставници.

Идејата на заедничките часови е да ги охрабри младите да ги почитуваат различностите, и тоа не само во рамки на образовниот систем, туку во сите области од животот, бидејќи тоа е вистинскиот пат“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Mинистерот за образование и наука, Арбер Адеми додаде, „Градењето на едно општество за сите и негувањето хармонични односи кои се темелат на почитување на различностите се всушност меѓу основните начела и во новиот Закон за основно образование и Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”.

Во Соединетите Американски Држави, одамна научивме дека да се има образовен систем во којшто учениците се одвоени води до поделби кои причинуваат социјални тензии во општеството. Затоа е важно да се најдат можности за учениците од различни етнички заедници да се заедно и да развијат заедничкo искуство, да научат да си веруваат меѓусебно, да работат заедно во училиштето и да ја понесат довербата и чувството на колегијалност и соработка и во нивните заедници“, изјави претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која смета дека е постигнат значителен напредок на ова поле.

Пред неколку години дури и заедничките воннаставни активности беа утопија. Но, благодарение на посветеноста на институциите, на локалната заедница и училиштата, учениците сега можат да учат на повеќе јазици за време на редовната настава. Ова се почетоците на вклучување на меѓуетничката интеграција во образованието како клучен дел за градење на инклузивно општество“, вели тој.

Во учебната 2018/2019 година, заеднички часови во редовната настава се реализираа во четири средни стручни училишта во Град Скопје: СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“. Оваа учебна година се вклучија две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.

Со заедничките часови се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу учениците од различни етнички заедници и се зајакнаа нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализираа над 700 заеднички часови во кои учествуваа над 450 ученици.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.