Преку воннаставни активности до инклузија на децата што се надвор од училиштата

2946
Тринаесет основни училишта од девет општини во Северна Македонија редовно организираа воннаставни ученички активности во периодот од април до јуни, 2019 година, во рамки на проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Преку ваквите активности ќе се олесни вклучувањето на учениците во образовниот систем – ученици кои предвремено го напуштиле образовниот процес, како и ученици кои не го започнале школувањето на време.

Повеќе од 500 ученици од одделенска настава учествуваа во низа тимски игри, работилници, посети на природни и културни знаменитости, ликовни изложби, базари и хуманитарни акции. Во дел од активностите учествуваа и родителите на учениците. Непосредното вклучување на родителите и соработка со нив е од големо значење за тие да можат да ја согледаат важноста од задржувањето на нивните деца во образовниот систем, но и за изнаоѓање на заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат учениците.

Бидејќи станува збор за исклучително ранлива категорија на деца кај кои постои ризик повторно да се откажат од школувањето, потребен е соодветен пристап од страна на наставниот кадар за задржување на овие деца во училиште. Токму затоа, пред да се започне со спроведувањето на активностите, наставниците беа обучени за градење на инклузивна атмосфера во училницата, јакнење на самодовербата кај учениците и поттикнување на активно учество и тимска работа.

Со поддршка од проектот, досега се запишани околу 109 деца во училиште – дел од нив со задоцнет упис прв пат го започнуваат образовниот процес, а дел од нив се враќаат на училиште. Преку креирање на услови кои ќе придонесат за дополнителна мотивација кај учениците да се вклучат во воспитно-образовниот процес, се очекува да се подобри редовноста кај нив.

Во следната учебна година, во рамки на проектот ќе се спроведе и втор циклус од овој процес – обучување на наставници и организирање на активности за ученици и родители, а ќе се вклучат и неколку нови училишта.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.