Кон крајот на септември, 2018 година, повеќе од 30 ученици од основното училиште „Маршал Тито“, од с. Муртино, Струмица учествуваа во интересна спортска активност – Фудбал со раце по земја. Активноста се организираше во рамки на училишната секција по физичко и здравствено образование во која учествуваат ученици кои учат на македонски и турски наставен јазик.
За време на настанот, младите спроведуваа физички вежби и иновативни игри кои влијаат врз нивниот правилен раст и развој и го поттикнуваат здравиот начин на живот. Исто така, оваа активност придонесе и за поголема меѓусебна соработка и спријателување помеѓу учениците кои учат на различни наставни јазици.
Спортот е одлична алатка за градење на мостови помеѓу младите од различни етнички заедници – преку спортски активности и забавни игри младите најлесно и најбрзо се запознаваат и спријателуваат. Преку спортот младите учат и за вредности како фер игра, меѓусебно почитување, отворена комуникација и тимска работа кои се важни не само во спортот, туку и во секојдневниот живот. Ваквите позитивни вредности придонесуваат за зајакнување на интеграцијата помеѓу учениците од различни наставни јазици.
Училишната спортска секција е поддржана од проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините”, финансиран од Детската Фондација Песталоци. Општина Струмица, како партнер во проектот, исто така ги поддржува активностите чија цел е да се промовира мултикултурализам во заедницата.