Преку обуки за техничкиот персонал до здрава средина за учење

3132
Како треба правилно да се одржуваат училишните згради и системите за греење во училиштата? На кој начин треба училиштата да се справуваат со кризни состојби? Ова се само дел од темите кои се дискутираа на обуката за одржување училишни објекти, организирана кон крајот на март, 2019 година во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

На обуката присуствуваа околу 50 претставници од училиштата кои до сега беа реновирани во рамки на проектот. Преку интерактивни презентации, тимска практична работа и групни дискусии, учесниците се запознаа со вообичаените проблеми кои се случуваат при одржувањето на училишните објекти, но и за начините за нивно надминување.

Училниците и другите простории во училиштата треба да се пристапни и пријатни за престој на учениците и наставниците, како и за одвивање на наставата. Токму затоа, по реновирањето, потребно е училиштата да се одржуваат професионално и навремено. Со ефективното одржување на училишните објекти се обезбедува безбедна и здрава физичка средина во училиштето, нормално функционирање на наставата, продолжен век на користење на училишните објекти и училишната опрема, како и зголемена енергетска ефикасност.


Инфографик за стандарди и буџети за хигиена во училиштата

Во рамки на Проектот на УСАИД  за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, со поддршка од Европската команда на САД и општините, до сега се реновираа 12 училишта низ земјата. Повеќе од 9000 ученици и наставници имаат придобивки од реновирањето – подобри услови за учење и работа.


Пред и по реновирањето на ОУ „Ацо Шопов“ во Општина Бутел

До крајот на проектот, вкупно ќе бидат реновирани над 60 училишта, врз основа на потребите за реновирање, како и достигнувањата на училиштата во областите на меѓуетничката интеграција и граѓанските вештини и однесувања на учениците.

Инаку, овој проект се базира на успешниот Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (2011-2017), во рамки на кој се подготви и Упатство со прирачник за одржување на училишни објекти. Упатството дава осврт на најчестите проблеми со кои обично се соочуваат училиштата и техничкиот персонал при одржувањето, практичните начини за нивно решавање, препораките за превентивно одржување, мерките за заштита при работа и алатот потребен за одржување на училиштата.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.