Преку креативност и забава до меѓусебно пријателство

2484

Во средината на април 2018 година, се одржа уште една интересна активност во рамки на ликовната секција во основното училиште „Браќа Рибар“ во Табановце, Куманово.

Триесетина млади креативци од различни наставни јазици заедно цртаа цртежи посветени на пролетта. Користејќи разни уметнички техники, бои и материјали, тие учеа и се забавуваа, но уште поважно, ги негуваа меѓусебното пријателство и соработка.

По неколкучасовно цртање, вредните основци ја прославија успешно завршената работа во училишниот двор, каде што под менторство на своите наставници се рекреираа со неколку спортски игри.

Ликовните творби на учениците ќе го украсат училишното пано и ќе бидат дел од претстојната изложба по повод прославувањето на патрониот празник на училиштето.

Оваа активност е дел од ликовната секција во училиштето во рамки на проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.