Во текот на јуни, 2020 година, се реализираа онлајн работилници за поттикнување на демократска клима во училиштата, во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. На работилниците учествуваа над 300 наставници по Граѓанско образование, стручни соработници и директори од 120 проектни основни училишта кои во учебната 2020/2021 година ќе реализираат ученички иницијативи и за прв пат ќе организираат Отворен ден за граѓанско образование.
Учесниците на работилниците дискутираа за новиот Концепт за граѓанско образование како основа за развивање на демократска клима и улогата на училишното раководство и стручната служба во поттикнување демократска клима и соработка со локалната заедница. Посебно внимание беше посветено на важноста на спроведувањето ученички иницијативи, при што учесниците се запознаа со фазите низ кои е потребно да помине една ученичка иницијатива за успешно да придонесе кон развојот на граѓанските компетенции на учениците. Споделени беа и идеи за употреба на различни дигитални алатки како дополнување или алтернатива на традиционалните методи за спроведување ученички иницијативи.
„И покрај тоа што работилницата беше онлајн, организиравме ефективна дискусија со претходно добро осмислени прашања и соодветни техники за интеракција, проверка на постоечките знаења и нивно надоградување (пр. бура на идеи, стоп техника, прашање и одговор, и сл.). Учесниците активно слушаа и учествуваа во дискусиите“, изјави Лидија Кондинска, советничка во Бирото за развој на образованието.
Во текот на работилниците, учесниците се стекнаа со вештини, знаења и материјали за спроведување успешни ученички иницијативи и градење на училишни политики кои се стремат кон формирање и развој на подемократско училиште. Најголемиот дел од учесниците сметаат дека ваквите обуки им се особено корисни за стекнување нови знаења и поставување современи цели кои ќе водат кон подобрување на демократската клима во училиштата во кои работат.
Откако детално се запознаа со аспектите на демократската клима во училиштата, учесниците на работилниците во учебната година 2020/2021 ќе работат на спроведување ученички иницијативи и организирање на Отворени денови за Граѓанско образование преку употреба на дигитални алатки.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.