Посета на реновираното основно училиште „Димче Ангелов Габерот“ од Демир Капија

419
На 17 мај 2022 година, се одржа промотивен настан по повод реновирањето на основното училиште „Димче Ангелов Габерот“ од Демир Капија, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ) на централната зграда на училиштето беше поставена нова термална фасада благодарение на која во училиштето е топло во зима, а свежо во лето и се подобрени условите за учење и работа на повеќе од 360 ученици и наставници.

Помеѓу присутните на настанот беа Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џејмс Стајн и шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД во Северна Македонија, мајор Даниел Маједа кои заедно со Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров, директорката на училиштето, Менче Николова и претставници од општината и училиштето ги посетија училишните згради, одблизу ја видоа новата фасада и направија обиколка на просторот.

Летото во 2011 година, 30 инженери од морнарицата на САД и македонски војници ја реновираа зградата на ученичкиот дом и направија училници. Денеска, 11 години подоцна сме тука да го прославиме поставувањето на новата термална фасада на училиштето, покажувајќи го одличното и долгорочно партнерство со Општина Демир Капија“, рече шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД во Северна Македонија, мајор Даниел Маједа.

Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џејмс Стајн додаде, „Училниците сега ќе бидат потопли во зима, а посвежи во лето за учениците и наставниците и целата училишна зграда е енергетско-ефикасна. Горди сме на партнерството со училиштето, општината и Канцеларијата за одбранбена соработка во насока на унапредување на меѓуетничката интеграција и граѓанското образование, поттикнување на младински активизам и подобрување на условите во училишната средина“.

Тие се придружија на учениците од различни етнички заедници од централното и подрачните училишта, кои се собраа заедно во училишниот двор, садеа дрвја и учествуваа во спортски активности на игралиштето. На тој начин младите ја подигнаа свеста за потребата од заштита на животната средина и зголемена физичка активност. Се запознаа и со ученици вклучени во креативни активности по Граѓанско образование насочени кон помагање на маргинализирани групи во заедницата и стари лица.

„Сакам срдечно да се заблагодарам за поддршката во реализацијата на овој капитален проект од кој нашето училиште има големи придобивки. Овој проект значеше обединување на повеќе страни и тимска работа на локалната самоуправа, вработените во училиштето, заедницата и самите ученици“, рече Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

Во реновирањето на фасадата на централната училишна зграда, училиштето и општината учествуваа со околу 40% во трошоците за реновирање.

Преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието во соработка со Европската команда на САД (ЕУКОМ) од 2017 година досега беше реновирано 51 училиште, а уште девет ќе се реновираат до крајот на проектот во септември оваа година.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.