Подобрување на основните училишта преку зајакнување на рамката за оценување на квалитетот на училиштата

135
Во рамки на Проектот за унапредување на основното образование (ПУОО), кој се спроведува од страна на Министерството за образование и наука, со поддршка на Светска Банка, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) работи со Државниот просветен инспекторат на зајакнување на индикаторите за оценување на квалитетот на училиштата, подобрување на рамката за интегрална евалуација и самоевалуација на основните училишта и училишното развојно планирање. Проектот треба да придонесе кон поефикасен и поефективен процес на оценување на квалитетот, кој ќе биде поврзан со програма за грантови за најуспешните училишта.

Со цел да ги процениме искуствата на училиштата и просветните инспектори со тековните политики на оценување на квалитетот на училиштата и да добиеме предлози за подобрување, во текот на октомври и ноември се спроведе анализа на документи, електронско анкетирање на училиштата, четири регионални состаноци со просветните инспектори и дискусии во фокус групи со тимови од единаесет пилот-училишта. Предлозите на инспекторите и училишните тимови ќе бидат интегрирани во новата рамка за евалуација на училиштата.

Дополнително, се започна со функционална анализа на Државниот просветен инспекторат со цел унапредување на внатрешната организација на институцијата и процесите во истата и ефективно ангажирање на достапните човечки и технички ресурси.

Активностите ќе продолжат со формирање работна група која ќе работи на ревизија на рамката на индикаторите за квалитетот на работата на училиштата.