Во весела и инспиративна атмосфера, се одржа настан за официјално затворање на дванаесетгодишниот проект „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, поддржан од Детската фондација Песталоци, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).

За време на настанот, преку дискусија и забавна програма, се претставија достигнувањата во рамки на проектот, ставајќи посебен акцент на спроведените активности со учениците кои учат на различни наставни јазици и влијанието кое го имаат врз личниот и професионалниот развој на учениците и наставниците. Меѓу присутните беа ученици, наставници и претставници од училишта, општини, релевантни образовни институции и меѓународни организации.

На настанот се обратија Бесник Рамадани, раководител на проектот во Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), Зеќирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието и Азбија Мемедова, национална претставничка на Канцеларијата на Детската фондација Песталоци во Северна Македонија, кои ја истакнаа важноста од унапредување на меѓуетничката хармонија и давање на континуирана поддршка на младите и наставниците.



Во изминатите дванаесет години, проектот работеше со образовните институции и со 27 основни училишта од девет општини низ државата за зајакнување на меѓуетничката кохезија во училиштата. 55.167 ученици учествуваа во заеднички интеркултурни активности и редовни и заеднички часови и повеќе од 7.130 наставници учествуваа во различни редовни и воннаставни активности, зајакнувајќи ги своите интеркултурни компетенции.


Со повеќе од 2.000 активности на ниво на училиштата се создаваа можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници, кои подобро се запознаваа и се дружеа меѓу себе. Се организираа и интеркултурни размени во Троген, Швајцарија во кои учествуваа повеќе од 415 ученици и 60 наставници.
Во рамки на проектот, се направија системски промени. Беа ревидирани наставните програми по предметот Граѓанско образование за осмо и деветто одделение и за прв пат се развија стандарди за интеркултурно образование, кои беа одобрени од Министерството за образование и наука. Наставниците беа обучени за примена на стандардите и се разви прирачник за истите. Ова придонесува кон континуирано и квалитетно спроведување на интеркултурни активности на ниво на училиште, а со тоа најголеми придобивки имаат учениците.
Иако проектот завршува, сепак продолжува залагањето на релевантните институции за квалитетно интеркултурно образование за сите ученици и наставници.












Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци (ДФП).