Новата ситуација што произлезе од кризата со вирусот КОВИД-19 наметна потреба од одложување на почетокот на учебната година и спроведување на образовниот процес почнувајќи од 1 октомври. Министерството за образование и наука ги објави Протоколите за образовниот процес за оваа учебна 2020/2021 година според кои учениците од прво до трето одделение посетуваат настава со физичко присуство во училница. Во училиштата што ги исполнуваат потребните услови според Протоколите, наставата се одржува со физичко присуство и за ученици од повисоките одделенија. За учениците со хронични болести, наставата се одвива на далечина. За учениците кои немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина, успешно се емитуваат 15-минутни ТВ часови преку Националната радио телевизија.
На состаноците што се одржаа со тимовите на пет училишта што се дел од проектот, тие споделија дека сакаат да присуствуваат на сесиите за обука на наставниците коишто се планирани за ноември/декември, во согласност со официјалните протоколи за пандемијата утврдени од Владата. Во моментов, проектните тимови на училиштата ги формираат фокус групите на ученици кои започнуваат од 9 октомври а завршуваат на 20 октомври.
Една од многуте мотивирачки средби што се одржаа со проектните тимови на училиштата беше на 25 септември во дворот на ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. На средбата присуствуваа претставници на тимот на проектот, наставниците и директорот. Целта на овие состаноци беше проектните тимови на училиштата да се запознаат со активностите што се планира да се спроведат со наставниците, родителите и учениците.
Наставниците покажаа голема заинтересираност, особено во делот што се однесува на активностите со учениците. Според нив, учениците во ова училиште активно се вклучуваат во различни активности и се чувствуваат слободни да го искажат своето мислење по најразлични теми и прашања. Тие сакаат да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки, имаат голема желба да дебатираат и да учествуваат во работата на училишната заедница, мотивирајќи ја целата училишна заедница да земе активно учество во различните проектни активности.
Тие дискутираа и за работата на одделенските заедници, во коишто често се спроведуваат различни анкети за прибирање на мислења за поедини прашања од учениците. Дополнително, во рамки на наставата, наставниците ги мотивираат учениците да учествуваат во носењето одлуки и решавањето на актуелни училишни проблеми.
Проектните активности што се планираат со учениците и родителите во ова училиште ќе придонесат кон спроведување на една од главните цели на проектот „Започни ја промената“, а тоа е да се слушне гласот на младите во донесувањето одлуки во училиштата и локалните заедници.