ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел со активности за мултиетничка соработка

3292
Основното училиште „Панајот Гиновски“ од Бутел, веќе трета година е активно вклучено во активностите од проектот Јакнење на мултиетничката соработка во општините, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Оваа учебна година во училиштето активно работи секцијата „Ковачи на учењето“, каде учениците преку заедничка соработка ќе ги оживеат старите занаети, ќе се запознаат со старата архитектура на Скопје, но и ќе бидат поттикнати за истражување и создавање на креативен производ.

Меѓу првите активности на секцијата беше посетата на Старата Скопска Чаршија, при што учениците ги посетија дуќаните на старите занаети. Беа во посета на ковачка работилница, работилница за изработка на дрвени предмети, а посетија и златар, кондураџија и ткајачница на автентични производи од народни носии.

Родител на еден од учениците кој беше поттикнат од оваа инцијатива ги научи на креативната техника Декупаж – уметност на украсување на објект со лепење на обоена хартија на подлогата во комбинација со специјални ефекти на бои, златни ливчиња и други декоративни елементи.

За наставниците голема мотивација се креативните идеи и предлози на учениците, поради што со задоволство им помагаат во реализацијата на секоја нивна идеја.

„Големиот интерес кај учениците е причината поради која несебично се вложуваме во воннаставните активности на кои тие имаат главен збор. Веселите разговори, интересните дискусии и работилниците се мотив плус дополнително да се заложиме. Од сето ова произлегува и нашата креативност, но голем удел има и креативноста на учениците. Тие се неисцрпен извор на идеи, можности. Креативноста кај учениците на моменти како да нема граница. Сето ова е двигател на нашата креативност и заложба секцијата да функционира три години“, велат наставниците.

Учениците исто така сметаат дека воннаставните активности се интересни и резултираат со подобрување на интеграцијата меѓу нив.

„Јас сум дел од проектов две години. Можам да кажам дека прво чувствувам промени кај мене, а после и кај другите ученици, без разлика дали се од моето одделение или се од другите одделенија. Како позитивни примери можам да истакнам дека повеќе се дружиме и повеќе соработуваме. На почетокот на секцијата кога ќе влезевме во кабинетот каде што работевме се делевме, но сега многу се дружиме и тоа не само за време на секцијата, туку и на одморите, во други активности. Дури и си одиме дома заедно од училиште“, вели ученичката Јана Сотиров.

„Во оваа секција ние сфативме дека треба да бидеме заедно без разлика на физичкиот изглед, вера, раса и нација. Секој час го поминуваме заедно трудејќи се да го научиме мајчиниот јазик на другите, понекогаш ги мешаме зборовите, понекогаш со раце објаснуваме, но ние се разбираме“, додава Хана Рамани.

Во наредниот период, оваа група на ученици ќе продолжи со работа во рамки на секцијата „Ковачи на учењето“, креативно разработувајќи ги сите предвидени активности.

Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската Фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.