Отворен ден за граѓанско образование во ОУ „Кирил и Методиј“ со посета на Министерката за образование и наука

930
Основните училишта, и оваа учебна година, спроведуваат отворени денови за граѓанско образование на кои презентираат младински иницијативи кои се резултат на новиот концепт на граѓанско образование. По повод Меѓународниот ден на човекови права, ОУ „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, Гази Баба, со запазување на сите мерки на заштита кои се пропишани со Протоколите за постапување во основните училишта во услови на КОВИД-19, организираше отворен ден на кој присуствуваа Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Општина Гази Баба Борче Георгиевски.

За време на отворениот ден, беше претставено видео изработено од учениците за заложбите на училиштето за инклузивен пристап, ученичките иницијативи и грижата за физичкото и менталното здравје на сите вклучени во воспитно-образовниот процес. Сите овие иницијативи се во насока на развивање на граѓански вредности кои ги зајакнуваат демократските капацитети на учениците.

Учениците изработија и училишен весник кој го објавија електронски. Во него пишуваа за ученичко учество, спречување на стереотипи и предрасуди, промовирање на толеранција како и за човековите права. Целиот весник може да го погледнете тука.

Министерката за образование и наука и градоначалникот на Општина Гази Баба ја посетија сензорната соба во училиштето наменета за сите деца и со типичен и со атипичен развој. „Денеска како добар пример го одбрав ова училиште во Стајковци коешто покажува дека училиштата може да живеат во духот на граѓанското образование. Тие имаат настава на два наставни јазика, на македонски и на албански, имаат инклузивно образование и децата со атипичен развој живеат и учат заедно со децата со типичен развој. Имаат и сензорна соба којашто ја посетуваат и деца со типичен и деца со атипичен развој, заради тоа што на тој начин создаваат инклузија, соживот и заеднички развој на сите ученици коишто ги имаат во училиштето, независно од каде доаѓаат и со какви можности и потреби истите доаѓаат“, рече Министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа додаде дека Концепцијата којашто треба да започне во учебната 2021/2022 година за основно образование директно ќе се заснова на принципите на инкузивност, на родова рамноправност и почитување на човековите права, заради тоа што на овој начин се создаваат идни генерации коишто не само што ќе ги почитуваат и ќе знаат за човековите права, туку ќе живеат со нив и ќе се борат секојдневно тие да се остваруваат.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.