Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието по втор пат успешно го одбележа Меѓународниот ден на мирот. На 21 септември, 2018 година, во Градскиот парк во Скопје се одржа јавен промотивен настан #YEIforPeaceDay, на кој учествуваа повеќе од 100 ученици и наставници од сите основни училишта од Општина Бутел – ОУ „Ацо Шопов“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Лиман Каба“, ОУ „Панајот Гиновски“, ОУ „Петар Здравковски Пенко“, ОУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Живко Брајковски“.
За време на настанот, учениците од различни етнички заедници заедно учествуваа во неколку креативни граѓански иницијативи. Во духот на Меѓународниот ден на мирот, графитите во Градскиот парк со говор на омраза, првата група ученици ги замени со мировни пораки во соработка со креативни графити артисти.
Втората група на млади ги мапираше еколошките проблеми во паркот и даваше предлози за подобрување на изгледот и можностите што паркот ги нуди. Преку заедничка дискусија, учениците составија и писмо до градоначалникот на Град Скопје во кое ги наведоа своите идеи.
Ученици од третата група пак, дискутираа на теми за меѓуетничка интеграција на младите од различни етнички заедници и составуваа пораки за мирот, кои потоа ги напишаа на повеќе од 200 балони во различни бои.
На самиот крај на настанот, учениците од трите групи заедно одржаа мировен марш. Над 200 балони беа пуштени кон небото, секој со порака за мир.
„Јас денес имав еден посебен ден, ден каков што сум немала никогаш порано. Јас создадов многу нови пријатели, многу пријателки. Сето тоа беше прекрасно”, изјави учесник на настанот.
На обележувањето на Меѓународниот ден на мирот присуствуваше и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски. Настанот им овозможи и на случајните минувачи да погледнат некои од активностите чиешто спроведување во основните и средните училишта во Македонија е поддржано од страна на проектот.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.