Основците од с. Бистрица „избраа демократија“

2837
Кон крајот на февруари 2018 година, во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица се одржа првата работилница од циклусот работилници насловени „Избираме демократија“, поддржани преку програмата за мали грантови на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

На работилницата учествуваа 20 ученици од македонски и албански наставен јазик кои под менторство на своите наставници се запознаа со основните вредности на демократијата. Преку анализа на детската приказна „Училиштето на работ од шумата“ и специфичните прашања што произлегуваат од неа, учениците дискутираа за своите лични ставови и предложуваа решенија за слични ситуации од нивниот секојдневен живот.

Во претстојниот период, ќе се организираат уште 12 дополнителни работилници (интегрирани часови и воннаставни активности) на кои учениците ќе научат повеќе за демократија преку практикување на демократски процеси на училишно ниво.

Покрај тоа што ваквите работилници им овозможуваат на младите да ја разберат важноста од нивно активно учество во процесите на донесување на одлуки за прашања што ги засегаат, тие истовремено придонесуваат и кон зајакната меѓуетничка кохезија меѓу нив.

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.