Основци од Битола организираа едукативна трибина на тема „Вода за сите“

2796

Како делува загадената вода врз живите организми? Каква е улогата на водата врз здравјето на човекот? Како се прочистуваат водите? Какви навики за заштита на природните ресурси треба да стекнеме?

Ова се само дел од важните прашања кои се дискутираа на едукативната трибина на тема „Вода за сите“ која се одржа на  21 март 2018 година, во НУ Центар за култура – Битола. На трибината присуствуваа повеќе од 100 ученици, наставници, родители и претставници од Општина Битола.

Настанот го организираа ученици од основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола, со поддршка од своите наставници и родители. Преку овој јавен настан, учениците организатори од различни етнички заедници имаа цел да ја покренат еколошката свест за заштита на водите, но истовремено и да ја зајакнат меѓусебната соработка.

Трибината ја отвори директорката на училиштето „Гоце Делчев“, г-ѓа Зора Дамјанова, а поздравен говор одржа и еко координаторот, г-ѓа Биљана Стојковска. Гости кои одржаа кратки предавања беа г. Горан Козаров, директор на ЈКП Водовод Битола (во улога на родител предавач), дипл. инг. технолог Лела Ацевска, специјалист по санитарна хемија (во улога на родител предавач), како и прим. др. Лилјана Милевска, претставник од ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола.

На трибината земаа збор и двајца ученици кои се членови во еко одборот и во хемиско–биолошката секција во училиштето. Тие презентираа како се истражува квалитетот на водата за пиење во училница и испратија моќна порака до присутните: За да имаме чиста вода за пиење за сите, водата мора да ја штедиме!

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.