Онлајн работилница за младински активизам со учениците од Центарот за фузија на идеи

777
Учениците од Центарот за фузија на идеи заедно со наставниците и координаторите на тимовите за меѓуетничка интеграција од нивните училишта, учествуваа на работилница за младински активизам, поддржана од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

За време на работилницата, учесниците имаа можност да дискутираат за значењето на младинскиот активизам, но и за неговите видови. Дополнително, тие имаа шанса да слушнат примери за успешни младински иницијативи од практиката и да се инспирираат и самите да иницираат активности за подобрување на состојбата во нивните училишта и околината. Преку запознавање со деловите од кои се составени овие иницијативи, тие научија како да ги планираат.

Промоцијата игра важна улога во успехот на иницијативите. Затоа учесниците добија насоки за промоција на нивните активности, особено преку употреба на дигитални алатки и платформи. Во вториот дел од работилницата, учениците и наставниците од секое училиште работеа во групи и осмислуваа креативни идеи за позитивни промени. Тие дискутираа за тоа што би се постигнало со нив и како истите би можеле да се имплементираат.

Во рамки на Центарот за фузија на идеи, оваа година ќе бидат поддржани десет креативни идеи за позитивни промени кои потекнуваат од членовите на Центарот. Учениците ќе продолжат да соработуваат заедно иако се од различни локации низ државата и да изнаоѓаат начини за спроведување на идеите во нивните училишта и заедници.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.