Фактори кои придонесуваат децата да го напуштат образовниот процес, потенцијални училишни интервенции и можни активности за повторно вклучување на учениците во образовниот систем се само дел од темите кои беа опфатени во текот на тридневните обуки за инклузија на деца што се надвор од училиштата. На обуките одржани кон крајот на март, 2019 година, учествуваа повеќе од 50 наставници, директори и стручни соработници од 13 училишта вклучени во проектот „Инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем“, како и претставници од Министерството за образование и наука.
Целта на обуките беше да се зајакнат вештините на учесниците за градење на инклузивна атмосфера во училиштата, пред сè, преку создавање на соодветни услови за прифаќање на децата кои биле надвор од образовниот систем, но и нивно понатамошно задржување. Преку работилници, дискусии и групна работа, учесниците ги споделија проблемите со кои тие се соочуваат во своите училишта и заеднички осмислуваа можни решенија за нивно надминување.
Најчестите прашања со кои еднакво се соочуваат речиси сите училишта се следните:
– Што може училиштето да преземе за навреме да се запишат во прво одделение сите училишни обврзници од реонот?
– Како да се задржат во училиште учениците кои доаѓаат од социјално загрозените семејства, кои поради тешката материјалната состојба често отсуствуваат и се под ризик за напуштање на училиштето?
– Како успешно да се вклопи во паралелка ученик со задоцнет упис кој е неколку години постар од своите врсници?
– Како да се овозможи индивидуална поддршка на учениците од социјално загрозените семејства кои заостануваат во учењето и тешко се вклопуваат и социјализираат?
Анализирањето на проблемите од аспект на ученик, наставник, родител и институции, не само што придонесе учесниците да имаат појасен увид во надлежностите на сите одговорни за решавање на проблемот на институционално ниво, туку и за осмислување на поефективен пристап во изнаоѓањето на конкретни решенија на ниво на училиште.
„Споделените искуства многу ќе ни помогнат во натамошното работење. Слушнавме како нашите колеги од другите училишта се справиле со слични проблеми, а и благодарни сме им на претставниците од МОН кои ни ги појаснија законските одредби за разни случаи поврзани со инклузијата на децата кои се надвор од училиште“, рече една од учесничките на обуките.
Инаку, според испитувањето што го спроведе МЦГО, најголемиот број на деца кои се надвор од училиштата се Роми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства или се без документација, но не се исклучени и децата од другите етнички заедници. Во однос на проблемот за вклучување на ученици во случаи на немање соодветна документација, претставниците од МОН ја појаснија процедурата.
„Без оглед на тоа дали децата имаат лични документи, училиштето има обврска да ги запише ваквите деца и да им овозможи редовно да ја следат наставата. Учениците се евидентираат без матичен број, а свидетелствата ќе се издадат дури откако ќе се заврши постапката за вадење на лични документи. Исто така, деца кои се повратници од странство, училиштето е должно да ги запише и тоа, во она одделение кое е наредно од последното завршено во државата. Ученикот останува во тоа одделение сѐ додека не се заврши постапката за нострификација на документите од странство, по што ученикот преминува во соодветното одделение според извршената нострификација. Училиштата , според законот, мора да им излезат во пресрет на овие деца и да им овозможат редовно следење на наставата за времетраењето на ваквите административни постапки“, изјави претставник од МОН.
Обуките ги водеа обучувачите Радмила Живановиќ, психолог и психотерапевт и Валентина Златановска, практичар, педагог од основно училиште. По завршувањето на обуките за училиштата, Проектот ќе продолжи да работи на изнаоѓање на системски решенија – донесување на скратени наставни програми, овозможување поголема достапност на нострификацијата на документи за завршен степен од образование во странство и обезбедување целосни и точни податоци за сите училишните обврзници.
Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци.