Одржана работна средба за инклузија на деца што се надвор од училиштата

2227

Како може да се вклучат децата што се надвор од училиштата во образовниот систем? Согласно наодите од Извештајот од истражувањето на оваа тема, надминувањето на овој предизвик е возможно, но неопходно е да постои континуирана соработка помеѓу одговорните институции, училиштата и граѓанскиот сектор.

За таа цел, наставници и стручни соработници од 10 основни училишта вклучени во проектот присуствуваа на работна средба која се одржа во Скопје, при крајот на јануари 2018 година. За време на дводневната работилница се одржаа неколку теоретски предавања за инклузија на деца од социјално ранливи категории, но и практични сесии на кои учесниците предлагаа конкретни решенија за вклучување на децата во образовниот систем.

Од особена важност беше тоа што наставниците и стручниот кадар споделија лични искуства за предизвиците со кои се соочуваат во рамки на училиштата, почнувајќи од запишувањето на учениците и проследувањето на податоци за училишни обврзници, па сè до советувањето и соработката со родителите на децата кои се надвор од училиштата.

Целта на оваа средба беше сите учесници заеднички да креираме идеи, предлози, начини и можности за инклузија на децата кои се надвор од училиштата во образовниот систем. Дводневната средба овозможи да ги идентификуваме предизвиците кои се исклучително важни за инклузија на децата, а особен акцент се даде на училиштата и условите што треба да ги обезбедат за да ги вклучат децата во образовниот систем, а секако, и да ги задржат“, изјави една од учесничките на работната средба.

Активностите кои беа предложени на средбата ќе бидат дел од следната фаза на процесот за инклузија на деца во образовниот систем, а наставниците и стручниот кадар кои беа дел од оваа средба ќе продолжат да соработуваат со проектниот тим во целокупниот процес.

Оваа активност е дел од Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, финансиран од Детската Фондација Песталоци, во соработка со Министерството за образование и наука.