Кон крајот на октомври 2018 година, во рамки на проектот за “Зајакнување на мултиетничката соработка во општините” се одржа обука за наставници кои го предаваат предметот Општество. На обуката организирана во соработка со Бирото за развој на образованието учествуваа 35 наставници од девет училишта – „Лирија“, с.Житоше, Долнени, „Единство-Октаси“, Струга, „Браќа Рибар“, Куманово, „Крсте Петков Мисирков“, Битола, „Лирија“, Тетово, „Никола Вапцаров“, Струмица, „Панајот Гиновски“, Бутел, „Орце Николов“, Радовиш, „Мустафа Кемал Ататурк“, Гостивар.
Дводневната обука започна со меѓусебно запознавање на наставниците и споделување на нивното искуство за досегашната работа со ученици од различни етнички заедници. Во продолжение, наставниците имаа можност да проследат неколку теоретски предавања за мултикултурни работилници преку кои ги развиваа своите вештини за унапредување на меѓуетничката соработка помеѓу учениците. За време на работилниците, наставниците учествуваа во отворени дискусии за интеркултурна комуникација и активно слушање, како и за надминување на предрасудите.

Во текот на вториот ден од обуката, наставниците, заедно со предавачите, учествуваа во разновидни вежби, игри и активности кои им овозможија практична примена на наученото. Врз основа на теоретските предавања, наставниците изготвија планирања за наставните часови. Со цел да се овозможи размена на идеи помеѓу наставниците и учење едни од други, тие на крајот ги презентираа планирањата за часовите по Општество пред своите колеги.
Во претстојниот период, обучените наставници ќе применуваат интеркултурни компетенции во редовните наставни часови и ќе спроведуваат наставни и воннаставни активности со ученици кои учат на различни наставни јазици. Преку учество во вакви активности, учениците од различни етнички заедници ќе имаат можност подобро да се запознаат и да градат меѓусебни пријателства.
Оваа активност е дел од проектот за Јакнење на мултиетничката соработка во општините, финансиран од Детската фондација Песталоци (ДФП). Главна цел на проектот е да ја зголеми меѓуетничката интеграција во општеството, промовирајќи мултикултурализам и активно вклучувајќи ги учениците од различна етничка припадност во разновидни активности.