На 28 април 2021 година, се одржа онлајн младински форум на тема „Од локална стратегија до локална младинска акција“, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум. На онлајн настанот присуствуваа Министерката за образование и наука, Мила Царовска, Заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани и Амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Кејт Мари Брнз.

Тие заедно со учениците од основните и средните училишта дискутираа за младинското учество и волонтерството. Учениците ги споделија своите искуства од реализацијата на младински акции и како преку овие акции се стекнале со многу нови пријателства и научиле нови работи за волонтерството и правењето на вистински промени во општеството.

Во нејзиното обраќање Министерката за образование и наука, Мила Царовска ја нагласи важноста од поттикнување на младински активизам и истакна дека Министерството ќе продолжи да ги поддржува младите. „Министерството за образование и наука во изминатиот период стана пријател на учениците, на студентите, на младите научници и истражувачи, на младите активисти. Речиси во секоја работна група што ја формираме за било каква цел која ги засега, дали е креирање на законски решенија, концепции, концепти и слично, за унапредување на ученичкиот или студентскиот стандард, има по еден или повеќе претставници на категоријата која е во фокусот во конкретната акција. Имаме и посебна група наречена МОН – Млади преку која имаме низа заеднички успеси и искрено како министерка, не сум изненадена од придонесот, затоа што и очекував активност од нивна страна. Преку таа соработка детектираме потреби и предизвици, разгледуваме иницијативи, креираме решенија и ги имплементираме истите“.

Амбасадорката на САД, Кејт Брнз, им порача, „Секој од нас може да создаде можности и да најде решенија на проблемите со кои се соочуваме. Ова е меѓу клучните Американски вредности. Вашата проактивност за разубавување на училишните дворови, јавните простори, паркови и игралишта, за подигнување на свесноста за проблеми со врсничко насилство и слични проблеми на младите и вашето застапување пред претставниците од општините за да се направи заедницата почиста, побезбедна и поубава се доказ за вашата светла иднина и иднината на вашата држава. Ние го поддржуваме младинскиот активизам и граѓанското учество. Вие сте иднината и силата во општеството“.
На настанот учествуваа и претставници од 25 општини кои дискутираа како донесувањето на општинските стратегии за меѓуетничка интеграција и младинско учество придонесува кон структурирана поддршка на учениците и училиштата во реализација на младински иницијативи.
Во изминатите месеци, 150 ученици од 30 училишта од 10 општини учествуваа на онлајн работилници на коишто ги идентификуваа предизвиците и можните решенија за подобрување на состојбата во нивните општини. Преку онлајн средби за застапување, тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка. Така учениците успеаја да ги реализираат нивните идеи, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам. Процесот продолжува и понатаму со повеќе вклучени ученици и општини. На овој начин, преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се создаваат можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници и се поттикнува нивната креативност и младинско учество.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.