Обука за развивање и примена на модели и пристапи ориентирани кон детето во процесот на градење на инклузивна училишна средина беше реализирана од 30 септември до 2 октомври, 2019 година, во Скопје. Оваа обука претставува продолжување на програмата за поддршка на наставниците и стручните соработници во рамки на Проектот за инклузија на децата што се надвор од училиштата во образовниот систем, поддржан од Детската Фондација Песталоци. Преку обуката, учесниците се стекнаа со вештини за креирање соодветни услови за прифаќање и задржување во училиште на децата кои се надвор од образовниот систем.
На обуката учествуваа 29 одделенски наставници и стручни соработници од 8 проектни основни училишта – „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола, „Добре Јовановски“ од Прилеп, „Маршал Тито“ од Струмица, „Ванчо Прке“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ од Штип, „Раде Кратовче“ од Кочани и „Гоце Делчев“ од Скопје. Преку методи на искуствено учење, фокусот на оваа обука беше ставен на градење на инклузивен однос на наставникот со деца кои се под ризик од напуштање на училиштето, градење на инклузивна клима во училницата и развивање на стратегии и интервенции во однос на индивидуалниот развој на ученици под ризик.
За време на обуката, беа споделени многу предизвици со кои училиштата секојдневно се соочуваат при инклузијата на ученици кои биле надвор од образовниот систем, а главно потекнуваат од исклучително социјално загрозени семејства – ученици со задоцнет упис, ученици повратници од азил, ученици кои го продолжуваат образованието после прекин во наставата и слично.
Учесниците на обуката активно учествуваа во работилници и вежби за препознавање на учениците под ризик, идентификување на факторите за напуштање на училиштето како и анализирање на проблемите при соработката со семејствата. Тие работеа и на креирање на модели и стратегии за содавање на инклузивна училница и инклузивно училиште. Посебно внимание беше посветено на улогата на наставникот во создавањето на сигурна средина во училницата и градење атмосфера на прифаќање и мотивирање на учениците под ризик за тие што поактивно да се вклучуваат во активностите и поуспешно да се интегрираат во образовниот процес.
„Темите на обуката беа претставени на креативен и позитивен начин, а обучувачите беа отворени за секое прашање и спремни за секој одговор. Фасилитаторите беа јасни и на креативен начин ни ги доловија темите на обработка“, сметаат дел од учесниците на обуката.
Обуката беше реализирана од страна на обучувачите Радмила Живановиќ – психолог и психотерапевт и Ивана Маринчек – психолог и психотерапевт. Во претстојниот период, ваква обука ќе биде реализирана и за претставниците од останатите 10 училишта кои се вклучени во проектот.
Обуката за наставници и за стручни соработници е дел од проектот „Инклузија на деца што се надвор од училиштата во образовниот систем“ кој го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Министерството за образование и наука (МОН), а со финансиска поддршка од Детската фондација Песталоци (ДФП).