Нови и креативни воннаставни активности на далечина

1094
Воннаставните активности претставуваат мошне значајно подрачје во севкупната воспитно-образовна дејност на училиштата. Во изминатиот период, повеќе проектни училишта започнаа со спроведување на нови воннаставни активности преку учење на далечина, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Учениците од различни етнички заедници и места на живеење, соработуваа заедно во повеќе иницијативи.

Учениците од основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ од с. Драгоманце во партнерство со учениците од основното училиште „Кирил и Методиј“ од с. Романовце реализираа онлајн средба за нивната активност „Здрави деца – сигурна иднина“. Тие разговараа за предностите и недостатоците од современиот начин на живот кој го овозможи напредната технологија. Посебно внимание посветија на проблемот со поголемото време поминато пред телевизор и компјутер со што значително се намалува физичката активност кај целата популација, особено кај децата од училишна возраст. Дискутираа дека секојдневна физичка активност е прва мерка на превенција и во таа насока учениците ќе направат истражување преку анкетен онлајн прашалник со цел да видат колку испитаниците се запознаени со појавата на неправилно телесно држење, колку младите се физички активни и колку тоа е важно за нивниот правилен раст и развој.

Во средното училиште „Орде Чопела“ од Прилеп, беше формирана училишна секција насловена како „МИО ЕКО клуб“. Преку онлајн средби, учениците од различни етнички заедници кои учествуваат во истата се запознаа подобро. Тие дискутираа за значењето на екологијата и организирање на еколошки иницијативи и ја покажаа нивната креативност преку изработка на цртежи и фотографии со логоа за секцијата. Откако ги презентираа нивните изработки, заедно ги избираа оние кои им се најомилени и осмислуваа слоган.

Активности во врска со избор на лого и слоган за еколошка секција имаше и во основното училиште „Гоце Делчев“ од Свети Николе. Употребувајќи онлајн алатки, учениците изработија логоа и ги презентираа. Преку гласање, ги унапредуваа своите граѓански и демократски компетенции и избираа кое лого најмногу им се допаѓа. Во наредниот период планираат тоа лого да биде дел од флаери кои ќе ги изработуваат и маици кои ќе се печатат за учениците кои се дел од училишната секција.

Преку реализација на воннаставните активности, учениците ги унапредуваат своите вештини и се развиваат во отворени, самостојни и креативни личности.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.