Носители на одлуки и политики и наставници учествуваа на онлајн конференција „Политика и пракса во проектот Започни ја промената“

424
Младинското учество и важноста на гласот на младите беа во фокусот на првиот онлајн настан за политика и пракса во проектот „Започни ја промената”. На настанот присуствуваа носители на одлуки и политики и наставници од Северна Македонија, Хрватска и Португалија кои дискутираа на овие теми и ги збогатија нивните познавања за донесување на промени во политиките кои се насочени кон поголема вклученост на младите.

За да се постигне оваа цел, во првиот дел од онлајн конференцијата беа презентирани теоретската основа за важноста на гласот на учениците и податоците за учество на учениците во партнерските земји како и во земји со високо учество на учениците. Претставниците од државите со високо учество ги споделија нивните искуства и добри практики за поттикнување на младите да бидат поактивни во донесувањето на одлуки.

Вториот дел од настанот беше уште поинтерактивен со поголема вклученост на присутните. Се презентираа резултатите од компаративниот извештај од одржаните фокус групи со ученици проследени со отворена дискусија за споделување на идеи на темата.

Главниот заклучок беше дека воопштено свеста за младинското учество и неговата важност е ниска и на национално и на локално ниво. Но, потребата учениците да се вклучат во процесот на донесување одлуки особено на училишно ниво беше препознаена како основа за нивно запознавање со демократско учество уште од најмала возраст. На овој начин тие можат многу да придонесат, што е значајно и за нив самите, но и за општеството во целина.

За време на дискусијата, наставничка од нашата држава го сподели нејзиното мислење на оваа тема, „Главно ги оценуваме учениците врз основа на нивната можност да запомнат работи и така не се стимулира критичко размислување и давање на нови идеи. Всушност само поддржуваме идеи кои веќе постојат меѓу нас. Според мене, треба да работиме за да се зајакне самодовербата на учениците и тие да станат свесни за важноста на нивниот глас. Мислам дека само на овој начин може долгорочно да се смени ситуацијата така што учениците ќе можат да придонесуваат во општеството и по завршувањето на образованието“.

Во идниот период, ќе се подготви публикација која ќе ги содржи политиките и пристапите поврзани со младинско учество во партнерските држави и оние со високо учество. Ќе продолжат и активностите за претставување на важноста на гласот на младите пред засегнатите страни и потребата од промени во политиките за истиот да биде пошироко опфатен во сите сфери.