Над 100 наставници по Граѓанско образование од 65 средни стручни училишта учествуваа на циклус од три онлајн обуки за разработка на содржините и наставните методи предвидени во новоподготвениот Водич за наставници. Циклусот обуки се одржа во периодот помеѓу октомври и декември, 2020 година, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. Наставниците подетално се запознаа со содржините предвидени во петте модуларни единици од наставната програма.

Циклусот обуки опфати интерактивни методи и насоки за планирање и реализирање на наставата по предметот Граѓанско образование во прва година во средните стручни училишта. Во текот на обуките, учесниците ги обработуваа предложените активности во Водичот и дискутираа за нивно спроведување на далечина преку дигитални алатки.
Во однос на најзначајни искуства/сознанија стекнати за време на обуките, учесниците издвоија различни аспекти од обуката кои им оставиле впечаток. „Имаше детална обработка на вежбите и запознавање со целите на истите и добивање насоки за реализација на интерактивни активности. Се запознавме и со начини за мотивација на учениците за остварување на соработка и целосна ангажираност од нивна страна“, велат тие.

Преку овие обуки, учесниците се стекнаа со вештини, знаења и материјали за реализирање на наставата по новата модуларна програма за предметот Граѓанско образование. Тие дадоа и позитивна повратна информација за подготвените содржини од Водичот за наставници по Граѓанско образование.
„Активностите овозможуваат оспособување на учениците за градење на ставови и нивно активно учество на часот. Детално се разработени делови од часот и поврзаност меѓу теоријата и примери од социјалниот живот“, додаваат наставниците.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.