Околу 40 наставници од седумте скопски средни училишта во кои се спроведуваат заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици учествуваа на две онлајн обуки за градење на капацитетите. Тие го збогатија своето знаење и ги подобрија своите вештини за употреба на дигитални алатки во наставата и спроведување на успешен заеднички час на далечина.

За време на првата обука, на учесниците им беа презентирани технички инструкции за спроведување на заедничките часови онлајн преку Националната платформа за учење на далечина. Бидејќи платформата нуди многу можности, предавачите Ардијана Исахи Палоши од Центарот за средно стручно образование, Маја Виденовиќ, наставник во ООУ „Крсте Мисирков“ во Скопје, Кети Костовска од Министерството за образование и наука и Сатки Исмаили, наставник во ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово им ги презентираа сите достапни алатки за зголемување на интерактивноста и квалитетот на часовите. Тие добија и насоки за синхрони и асинхрони активности и материјали и ресурси кои можат да ги употребуваат.

Поттикнувањето на добра комуникација и соработка меѓу учениците и одржувањето на нивната мотивација беа во фокусот на втората обука. Преку конкретни активности за зголемување на заинтересираноста на учениците и создавање на помали мешани групи на ученици, наставниците подетално се запознаа со начини да го постигнат ова. На крајот на обуката, тие учествуваа на симулација на заеднички час преку Националната платформа за учење на далечина и во практика го искусија дискутираното.
„Значајни сознанија и искуства кои ги стекнавме за време на обуките се алатките кои може да ги користиме за полесно и покреативно да ги држиме часовите. Беше интересно да се видат практични примери и симулацијата беше одличен начин за пренесување знаење. Разменивме и искуства и мислења со колегите”, велат наставниците.
Во првото полугодие од учебната 2020/2021 година беа одржани 177 заеднички часови по различни предмети со повеќе од 580 ученици. Овие часови продолжуваат да се одржуваат и во второто полугодие во средните училишта „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Арсени Јовков“, „Димитар Влахов“, „Боро Петрушевски“, „Јосип Броз-Тито“ и „Владо Тасевски“ во духот на меѓуетничката интеграција.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието,поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.