Наставниците и родителите ги здружија силите за да ги инспирираат младите

1621

Игри со јажиња, штафетни игри и многу пријателства и забава го одбележаа неверојатниот спортски настан што еден сончев октомвриски ден го организираше ОУ „Панајот Гиновски“ од Бутел. Позитивната атмосфера и еуфоријата на спортските терени можеа да се слушнат од далеку.

Водени од идејата дека спортот и забавата се одлични алатки за интеграција на учениците од различни етнички средини, наставниците и родителите се здружија за во училишниот двор да инспирираат и да рекреираат над 360 деца.

Под нивно водство, децата многу брзо ги научија сите правила и уште побрзо беа „вовлечени“ во играта и забавата. Преку спортските игри, тие открија различни вредности во спортот, но и во поширок контекст – отвореност, тимска работа, комуникација, фер игра и почитување на другите играчи.

Наставниците и родителите кои учествуваа на настанот со задоволство го споделија нивното искуство со претставниците од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието кои го посетија настанот.

Повеќе од задоволен сум што учествувам во овој спортски настан и посакувам во иднина да има уште многу настани од овој вид! Како родител, верувам дека наша улога и должност е да бидеме вклучени во животот на нашите деца. Сите деца имаат потенцијал, но ние сме тие што треба да ги мотивираме и да им помогнеме да го искористат! Навистина ми е многу мило што сите деца беа радосни… Немам зборови!“ – истакна еден од родителите што учествуваа на настанот.

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.