Наставници по Граѓанско образование учествуваа на онлајн обуки за модуларни единици

1218
80 наставници по Граѓанско образование од 65 средни стручни училишта учествуваа на четири онлајн обуки за разработка на содржините и наставните методи предвидени во Модул 1 и 2 од ново подготвениот Водич за наставници. Обуките се одржаа во периодот помеѓу 6 и 9 октомври, 2020 година, во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а во соработка со Бирото за развој на образованието и Младински образовен форум. Помеѓу присутните беа наставници, претставници на стручна служба и советници од Бирото за развој на образованието кои подетално дискутираа и се запознаа со модуларните единици.

Преку различни интерактивни методи, беа опфатени насоки и идеи за планирање и реализирање на наставата по предметот Граѓанско образование кој според новата наставна програма, се изучува во прва година во средните стручни училишта. Посебно внимание беше посветено и на обработка на предложените активности во Водичот и нивно спроведување преку учење на далечина. Учесниците на обуката добија можност да ги споделат своите искуства и сугестии во однос на реализацијата на наставната програма по Граѓанско образование. Преку обуката, тие се стекнаа со вештини, знаења и материјали за реализирање на наставата по новата модуларна програма.

Во однос на најзначајни искуства/сознанија стекнати за време на обуките, учесниците издвоија, „Добивме многу појасни инструкции, нови идеи и размислувања околу начините на подготвување на наставните содржини. Најважно е тоа што очекуваме интеракцијата на учениците преку понудените модули и техники да биде поголема и пред сѐ попривлечна за самите ученици. Секое ново вакво искуство е добредојдено особено во вакви изолациски услови кога не можеме со колеги и надлежни служби да се консултираме меѓусебно. Затоа ни се и тоа како потребни ваквите инструкции за подобар и поуспешен професионален настап на нас како наставници”.

Учесниците на обуките дадоа и позитивна повратна информација за подготвените содржини од Модул 1 и 2 од Водичот за наставници по Граѓанско образование. Одлично изработено, подготвено до ситни детали да може секој ученик да се снајде, а на наставникот му е оставен простор за одредени измени и индивидуален пристап. Прирачникот е уникатно решение во кое се содржани многу драгоцени насоки и упатства за наставникот како во теоретскиот дел така и во насоките за рефлексија и евалуација”.

Во претстојниот период, ваква обука ќе биде реализирана и за останатите три модули од наставната програма за предметот Граѓанско образование во прва година во средните стручни училишта.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.