Во текот на јуни, 2019 година, над 350 наставници кои предаваат во основните училишта беа обучени за новата наставна програма по Граѓанско образование за деветто одделение. Новата наставна програма ќе започне да се применува од септември, 2019 година и е дел од реформите во основното образование кои нудат нов концепт на Граѓанско образование.
За време на еднодневните обуки, наставниците анализираа студии на случај, играа улоги, дебатираа, креираа мисловни мапи и дискутираа според прашања за рефлексија. Наставниците научија и како да употребуваат иновативни методи и техники на настава за разработка на содржините од наставната програм, а добија и предлог-сценарија за час за реализација на дел од содржините, како поддршка во процесот на планирање и реализација на наставата.
Новиот концепт подразбира и активно учество на учениците во конкретни ученички иницијативи за позитивна промена во заедницата. Токму затоа, учесниците на обуките беа водени низ процесот на поттикнување и поддршка на ученички иницијативи, преку коишто ќе се развива демократската култура кај младите.
Наставниците ги оценија обуките како длабински, ефективни и инспиративни за нивната наставна пракса. Обуките ги организираа Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во партнерство со Македонски центар за граѓанско образование, со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и проектот Јакнење на мултиетничката соработка во општините од Детската Фондација Песталоци.