Наставници научија како да ја користат креативноста за подобрување на меѓуетничката интеграција

2914

Можат ли учениците да научат како да се справуваат со предизвиците на забавен, интерактивен и креативен начин? Добрите наставници знаат дека одговорот е – да! За да ги совладаат ваквите интересни методологии, 16 наставници од 8 средни училишта од Македонија присуствуваа на обука за креативни работилници што се одржа во Скопје, од 24-ти до 26-ти јануари 2018 година.

На обуката, избраните наставници се стекнаа со вештини и алатки што се потребни за работа со ученици преку креативни процеси во коишто учениците дискутираат за своите ставови и се охрабруваат да размислуваат критички. За време на уникатната 3-дневна програма која ја посетија наставниците, тие самите ги испробаа активностите коишто ќе се спроведуваат со учениците.

Оваа обука за мене беше многу интересно и пред сè, корисно искуство. Се стекнав со многу нови вештини преку активностите, а особено ми се допадна тоа што фокусот на обуката беше практично работење, наместо теоретско предавање. Мислам дека креативните работилници ќе се спроведуваат одлично во нашето училиште и дека многу ќе им се допаднат на учениците!“, изјави еден од учесниците на обуката.

Ова е прва ваква обука на која што сум учествувала. Прекрасно искуство, многу енергично, динамично и корисно поминато време. За време на обуката имаше многу интересни и корисни идеи кои ќе ги применувам во иднина во работата со учениците“, додаде наставничка која исто така беше дел од обуката.

По обуката, наставниците ќе организираат по една работилница неделно со учениците во нивните училишта. Преку овие работилници, учениците од различна етничка заедница ќе имаат можност да соработуваат во едно забавно и безбедно опкружување и заеднички да создаваат креативни производи  поврзани со прашањата кои тие ги сметаат за важни во нивните заедници. Со нетрпение очекуваме да ги видиме идеите и продуктите на учениците!

Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.