На 21 март 2022 година, учениците кои се дел од Центарот за фузија на идеи, поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), ја презентираа нивната идеја за ученичко вмрежување на национално ниво пред претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука. Меѓу присутните беа и наставници, претставници од стручните служби и директори на вклучените училишта, како и претставници од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.
Во текот на првото полугодие од учебната 2021/22 година, сите членови на Центарот за фузија на идеи учествуваа во развивање на заедничка идеја за решавање на предизвиците со кои се соочуваат младите ширум државата.
„Еден од поголемите предизвици на учениците е недостаток на можности за меѓусебна социјализација. Доколку се искористи правилно, технологијата би им овозможила на учениците да комуницираат и соработуваат без разлика каде се наоѓаат“, велат учениците.

Тие предлагаат користење на можностите на Националната платформа за учење на далечина, која беше развиена на почетокот на КОВИД-19 пандемијата. Со оглед на тоа дека секој ученик има свој профил на платформата, идејата е да се направат три поделби на платформата: простор за споделување на успешни приказни за препознавање на трудот на наставниците и учениците кои имаат постигнато одлични резултати во одредена област или имаат реализирано ученичка иницијатива која би служела како инспирација за другите; блогови креирани од страна на ученици на теми од нивен интерес и форуми во кои ќе можат да се вклучат учениците и да отворат дискусија на различни теми, заедно со нивните врсници.
Тие ја презентираа оваа идеја пред претставниците од образовните институции со цел да добијат повратна информација за нејзино успешно исполнување и можна реализација.

„Ова е одлична идеја која е остварлива. Само треба да се стави на хартија и да се утврдат механизмите за нејзино реализирање“, велат претставниците од образовните институции.

Дон Кармин, директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија ги поздрави креативноста и ентузијазмот на учениците и им порача, „Убаво е да се види како целата заедница се собра заедно кон реализација на заедничка цел. Сметам дека преку идејата на учениците дигиталните алатки можат да се искористат за добро и да им бидат корисни на младите. Чест и задоволство ми е што сум дел од оваа дискусија“.

Учениците – членови на Центарот за фузија на идеи, ќе продолжат да работат посветено на реализација на нивните идеи во рамки на училиштата и општините. Со помош на училишните координатори, заеднички ќе се насочат кон промоција на досегашните активности и мотивирање на нивните врсници за реализација на ученички иницијативи.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.