Ученици и претставници на ученичките парламенти од основните и средните проектни училишта низ државата учествуваа на онлајн работилници преку дигитални платформи за осмислување на младински акции во нивните заедници. Работилниците се организирани во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.
Учесниците заедно анализираа идеи и дискутираа за проблемите во нивната средина. Тие ги издвоија интересите на младите во нивните општини и предлагаа начини за подобрување на состојбата и разубавување на околината. Во исто време иако онлајн се дружеа и се запознаваа подобро, разменувајќи интересни и корисни идеи.
Отворено летно кино, поголема еколошка свест и повеќе јавни површини за рекреација се само дел од нивните идеи кои планираат да ги реализираат за време на младинските акции. И во следниот период ќе продолжат со осмислувањето на можни решенија на предизвиците во нивната околина со кои се соочуваат како млади личности.
Преку создавање онлајн можности за учениците да се дружат и да соработуваат на разни граѓански иницијативи и за време на кризната состојба, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието поттикнува демократска клима и позитивни интеракции помеѓу младите од различни етнички заедници.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.