На 12 август 2022 година, учениците од ОУ „Фаик Коница“ во с. Доброште, општина Теарце го одбележаа Денот на младите со повеќе активности, поддржани од Општина Теарце и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум (МОФ). Дел од нив цртаа уметнички дела кои ќе бидат изложени во училиштето, други учествуваа во спортски активности, додека останатите садеа дрва во дворот. На овој начин, учениците придонесоа за заштита на животната средина и ја подигнаа свеста за потребата од поголема физичка активност и развивање на креативноста.

Во рамки на активностите, се одржа и промотивен настан за свечено пуштање во употреба на реновираната сала. Со финансиска поддршка од Европската команда на САД (ЕУКОМ) спортската сала беше реновирана и адаптирана со што целата заедница доби нов простор за организирање на воннаставни активности, настани и прослави.

Претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џери Дајбл и шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД во Северна Македонија, потполковник Шон Руфоло заедно со Градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири, директорката на училиштето, Ѓулсер Реџепи и претставници од општината и училиштето се придружија на активностите на учениците од различни етнички заедници и со нив дискутираа за важноста од поттикнување на младински активизам и активната улога на младите во подобрување на состојбата во околината.



„Многу сум среќна што гледам дека имате можност да учите во поубаво училиште и да ги зајакнете своите капацитети за развој и спроведување на креативни идеи за позитивни промени. Сакам да ви честитам на сите за вашиот придонес во зајакнувањето на улогата на младите и поттикнувањето на ученички иницијативи за подобрување на состојбата во заедницата“, рече Претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џери Дајбл.






Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.