Младите од Штип со хуманитарна акција

3299
На почетокот на учебната 2019/2020 година, ученици од средното училиште „Коле Нехтенин“ од Штип организираа хуманитарна акција – донирање на средства во Државното средно училиште за образование и рехабилитација “Искра”. Собраните средства ги обезбедија од различни видови на хранливи продукти кои самите ги подготвија и ги продаваа за време на театарската претстава која ја изведоа кон крајот на минатата учебна година. Претставата „За заедничко утре“ беше финален резултат од повеќемесечното учество на триесетина ученици од „Коле Нехтенин“ во креативни работилници, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Во претставата заедно со нас играа и ученици од ДСУ „Искра“. Претставата ја насловивме „За заедничко утре“ затоа што сакавме  да испратиме порака дека сите ние сме исти. За жал, учениците со посебни образовни потреби се отфрлени и дискриминирани во нашето општество. Во публиката имаше над 100 гости – родители, професори и ученици од сите училишта во Штип. Нашите родители беа особено горди и задоволни“, вели Славица Ивановска, ученичка во средното училиште „Коле Нехтенин“ од Штип.


Славица Ивановска, ученичка во средното училиште „Коле Нехтенин“ од Штип

Јулијана Атанасова, дефектолог во ДСУЦ „Искра“ смета дека ваквите иницијативи влијаат многу позитивно на младите.

Со средното училиште „Коле Нехтенин“ имаме одлична соработка, без разлика на тоа дали станува збор за проект или не. Многу често доаѓаат во нашето училиште и децата се дружат меѓусебно. За учениците од нашето училиште многу е важно да се чувствуваат прифатени“, вели Атанасова.


Сцена од претставата „За заедничко утре“

Хуманитарниот карактер на претставата придонесе кон уште поголемо сплотување и зближување на двете училишта. Учениците наидоа на поддршка од присутните и успеаја да ја реализираат својата идеја.

Средствата што ги собравме решивме да ги донираме во ДСУ „Искра“ затоа што сметавме дека тука се најпотребни. Важно е младите да се вклучуваат во вакви работи, да помогнат на другите деца и луѓе на коишто им е потребна помош, да волонтираат“, потенцира Славица.


Хуманитарна акција на младите од СУ „Коле Нехтенин“, Штип

Важноста на младинскиот активизам беше истакната и за време на креативните работилници. Учениците дискутираа за реалните проблеми во нивниот град и начини како да ги решат истите.

Според мене има многу работи што треба да се подобрат во нашиот град, но еве би го издвоила проблемот со екологијата. Треба да се подигне еколошката свест и кај помладите и кај постарите. Самите избираме во какво општество ќе живееме, самите треба да бидеме одговорни и свесни за тоа“, вели Славица.

Наскоро планираат и слична иницијатива која ќе обедини поголем број на ученици и ќе биде насочена кон решавање на проблемот со екологијата и чистотата во градот.

Заедно со учениците ќе организираме прошетка на кејот, ќе анализираме што недостасува, ќе видиме каде треба да се чисти. Веднаш потоа ќе одиме и кај градоначалникот за да побараме поддршка од општината и со нивна помош да реализираме конкретна акција“, додадоа наставничките Жаклина Атова и Вилма Илиевска.

Инаку креативните работилници претставуваа и место каде учениците се забавуваа, учејќи како да направат реални промени во нивното окружување. Тие поттикнаа многу заеднички активности и соработки меѓу училиштата.


Доделување сертификати за учество во претставата на учениците од ДСУ „Искра“

Од креативните работилници имам многу позитивно искуство. Ми беше забавно – на почетокот имавме игри за подобро да се запознаеме и зближиме, а потоа повеќе се фокусиравме на претставата. Често останувавме и до подоцна затоа што ни беше интересно, се сплотивме сите. За прв пат учествував во нешто вакво и би сакала и во иднина да имаме повеќе вакви активности во училиштето“, рече Славица.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.