Младите од различни етнички заедници и организации заедно на летен камп во Солферино

387
Од 27 до 29 јуни, 2022 година, во центарот Солферино, Струга се одржа летен камп поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Црвен Крст на Град Скопје и Рома Рок Скул (Roma Rock School) од Скопје. На кампот учествуваа 30 ученици од различни етнички заедници и организации меѓу кои беа ученици од средните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Владо Тасевски“ од Скопје, ученици – членови на организацијата Рома Рок Скул како и волонтери на Црвен Крст.

Целта на младинскиот камп беше да се обезбеди креативен и забавен простор за градење на долготрајни врски помеѓу учениците од различни етнички заедници преку заедничко дружење и учество во разновидни активности и проекти.

Преку забавни игри и вежби, младите се запознаваа подобро и учеа едни за други. Тие беа дел од групни дискусии и креативни, интерактивни работилници преку кои учеа за теми како музика, општествени вредности, култури, волонтерство, младински активизам и слично.

„Искуството беше супер. Ова ми беше прв камп и прв пат ми беше да се здружам со луѓе од други етнички заедници. Научив неколку реченици на албански и на ромски јазик и повеќе се запознав со нивните култури“, вели една од ученичките. 

Во рамки на заедничките активности, тие играа и пееја заедно во духот на меѓуетничката интеграција. За да се поттикне поголема соработка и комуникација меѓу учесниците, во секоја активност учествуваа различни групи на ученици кои разменуваа искуства и мислења.

„Многу работи научив. Научив повеќе за волонтерството и некои зборови на другите наставни јазици. Иако на почетокот се двоумев, мило ми е што дојдов. Не погрешив“, додава ученик – учесник во активностите.

На големо задоволство на учесниците, им се придружи и младиот уметник Young Dadi, кој го збогати кампот со уште повеќе музика и забава и придонесе за развивање на креативноста на младите. За време на кампот, младите имаа и можност да напишат, отсвират и снимат песна која ќе остане како нивен заеднички труд и спомен за убавото поминато време и меѓусебно дружење.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.