Прилеп доби нов парк за миленици благодарение на мотивираните ученици од средните училишта „Орде Чопела“, „Кузман Јосифовски Питу“ и „Мирче Ацев“, кои иницираа младинска акција, поддржана од Општина Прилеп и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.
Поради мерките за заштита од пандемијата со КОВИД-19, акцијата се спроведе без физичко присуство на учениците. Но, тие го следеа процесот на поставување на новата урбана опрема и уредувањето на паркот. Исто така, преку правење на фотографии и видеа од просторот се вклучија во промоцијата на влијанието кој истиот го има за нивната заедница.


„Придонесовме за решавање на проблемите со кои се соочуваат младите и возрасните во градот и за остварување на нашите цели. Така, преку младинската акција се изгради парк за миленици во Прилеп. Сакаме да ги поттикнеме младите да ги изразат своите идеи и да допринесат за нивната општина да биде поубава“, велат вклучените ученици.
Преку паркот за миленици тие придонесоа да се разубави јавниот простор, но исто така и да стане покорисен за жителите кои добија ново место каде можат да ги прошетаат своите домашни миленици.
Во изминатиот период младите активно учествуваа во онлајн работилници за време на кои ги планираа приоритетите за подобрување на состојбата во општината и потоа ги застапуваа пред локалните власти. Така ја обезбедија потребната поддршка и успеаја да ја реализираат нивната иницијатива.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.