Младите од Кавадарци го разубавија младинскиот центар

409
Младинскиот центар во Кавадарци доби поубав лик благодарение на креативните ученици од основните училишта „Страшо Пинџур“ и „Тоде Хаџи Тефов“ и средното училиште „Ѓорче Петров“. Со почитување на протоколите за заштита, тие спроведоа младинска акција во центарот, поддржана од Општина Кавадарци и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

За време на акцијата, учениците цртаа мурал на ѕидовите, со што преку уметност испратија порака за важноста на младинското учество во донесувањето на одлуки на локално ниво. На овој начин ги зајакнаа и своите вештини и познавања од оваа уметност. Исто така, тие поблиску се запознаа со работата на младинскиот центар и можностите за поголемо вклучување во локалната заедница преку истиот.

„Ние побаравме во Кавадарци да има младински центар и ни овозможија. Има различни активности во кои може да учествуваме. Многу е интересно и запознаваме многу нови другарчиња. Среќна сум што дојдов и што се запознав со многу нови луѓе“, вели една од ученичките.

За веселата атмосфера придонесе и младинскиот бенд кој ја збогати содржината на акцијата со музика.

Во изминатиот период младите од овие три училишта земаа активно учество во планирањето и застапувањето на младинските приоритети за подобрување на состојбата во општината. Тие соработуваа и со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка. Така успеаја да ги реализираат нивните идеи.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.