Дворот на градинката „11 Октомври“ од Бутел доби нов лик благодарение на повеќе од 150 ученици од основните училишта „Ацо Шопов“, „Лиман Каба“ и „Панајот Гиновски“ од оваа општина кои заедно организираа волонтерска акција во градинката. Акцијата беше иницирана за време на средбите во изминатиот период кога учениците идентификуваа проблеми со кои се соочуваат во нивната околина и можни решенија.
За време на младинската акција, младите учествуваа во повеќе активности за уредување на дворот на градинката. Тие ја бојадисаа оградата во разни бои и им дадоа интересен изглед на бетонските конструкции. За да ја подигнат свеста за заштита на околината и кај најмалите, тие посадија борчиња.
„Нашата идеја дојде кога почнавме да размислуваме што можеме да направиме не само за нас, туку и за другите деца околу нас. Бидејќи градинката се наоѓа во центарот на Општина Бутел одлучивме да ја разубавиме. Пораката што сакаме да ја пратиме е дека треба да се здружиме за да стигнеме до поголема цел“, вели Катерина Димовска, ученичка во ОУ „Ацо Шопов“.
Оваа иницијатива произлезе од неколкумесечниот процес на планирање во рамки на кој учениците од различни етнички заедници се запознаа и дискутираа за предизвиците во нивната општина. Тие даваа конкретни предлози за решавање на истите и ги презентираа пред претставници од Општина Бутел. На овој начин ги унапредија своите вештини и демократски вредности.
Младинската акција се спроведе со поддршка од Општина Бутел и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одоворност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски држави.