Младите од Берово иницираа поставување на нова урбана опрема на градскиот кеј

475
Нова урбана опрема беше поставена на кејот во Берово благодарение на проактивните ученици од основните училишта „Дедо Иљо Малешевски“ и „Никола Петров Русински“ и средното училиште „Ацо Русковски“. Младинската акција е поддржана од Општина Берово и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум.

Поставувањето на клупите и корпите за отпадоци се спроведе без физичко присуство на учениците поради мерките за заштита од пандемијата со КОВИД-19. Но, тие подоцна учествуваа во промоција на поставената опрема и организираа младинска акција за разубавување на кејот и градскиот парк.

Сите заедно ги фарбаа постоечките клупи, се дружеа и се запознаваа подобро бидејќи доаѓаат од различни училишта. На младите им се придружи и Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски кој ја поздрави проактивноста на учениците и порача, „Се надевам дека оваа акција ќе биде поттик и за понатамошна соработка на сите чинители во општината“.

Учениците додадоа, „Придонесовме кон подобра општина за нас и општо за младите. Се надеваме дека вакви активности ќе продолжат и во иднина со цел разубавување на околината“.

За спроведување на акцијата, учениците соработуваа со локалните власти пред кои ги презентираа нивните идејни решенија и ја обезбедија потребната поддршка, истакнувајќи ја важноста на младинскиот активизам.

Во наредниот период следуваат уште младински акции за време на кои учениците ќе продолжат да ја подобруваат состојбата во нивните заедници.

Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвенa со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на МЦГО и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.